Штербик ја однесе Шпанија на европскиот ракометен трон, за првата титула во финалето славеше над Шведска

Шпанија конечно во петтиот обид или втор во низа успеа да се искачи на европскиот трон и да ја запише првата титула во историјата на Европското ракометно првенство во Хрватска. По четирите сребра се закити со злато и ја остави репрезентацијата со најмногу титули без можност да стигне до петиот златен медал од Европските првенства. Шведска за првпат по 2002 година се закити со медал од континенталните собири.

Шпанија трипати имаше предност на почетокот од првото полувреме, пред Шведска по 30 минути да замине на одмор со водство од 14:12. Во првата половина од вториот дел „Црвената фурија“ го реши мечот со серијата од 9:2 и го сврте резултатот во своја корист за 21:16. Вардаровиот голман, Штербик со пет одбрани беше клучен во тој период кога се распадна играта на Шведска, а Шпанија финишираше на крајот со конечни 29:23.

Соле и Балагуер со по пет голови беа најпрецизни во нападот, Душебаев, Арињо и Ентрериос постигнаа по четири. Штербик мечот го заврши со осум одбрани и беше јунак во таборот на новиот европски првак. Кај Шведска, Нилсен со пет голови беше најпрецизен.

Следното 14. Европско првенство на програмата е по две години во три земји, Австрија, Норвешка и Шведска.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ