Шпанија прв финалист, светскиот првак ќе игра за бронза

Шпанија е прв финалист на Европското ракометно првенство во Хрватска. Во првото полуфинале ја совлада Франција со 27:23 на мечот што се одигра во „арена Загреб“.

„Црвената фурија“ го резервираше најмалку сребрениот медал идентично како пред две години во Полска со можност во петиот обид конечно во неделното финале да се закити со титулата. Светскиот првак , кој го доживеа првиот пораз по шестте победи во претходниот дел од шампионатот, ќе се бори за втората бронза на контенталните собири.

По третото израмнување во 18 та минута (8:8), Шпанија направи фуриозна серија од 7 – 1 и на одмор замина со водство од 15:9 кога практично го реши прашањето на победникот. Оваа позитива ја одржуваше и во второто полувреме а во 45 минута поведе и со плус девет голови (23:14). Во продолжение за пет минути „триколорите“ заиграа подобро во одбраната и ја вратија неизвесноста, кога ја спуштија негативата на само три гола со серијата од 6:0. Тоа беше нивниот последен обид за пресврт, пред Шпанија да го финишира мечот со конечни 27:23.

Голманот на Вардар, Арпад Штербик, кој беше повикан во шпанскиот состав за полуфиналето поради повредата на Де Варгас, одигра забележителна улога во триумфот со три одбранети од петте седмерци на противникот. Феран Соле го предводеше нападот со седум голови, еден помалку запиша Раул Ентрериос. Во спротивниот табор, Седрик Сораиндо беше прв стралец со шест голови, по трипати во листата на стрелците се запишаа, Валентин Порт, Кентин Мае, Никола Карабатиќ и Роман Лагард.

За второто место во финалето на ЕП во Скадинавското дерби ќе се борат Данска и Шведска.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ