Се бара официјализирање на фракција во ВМРО – ДПМНЕ

ФРОДЕМ и Иницијативата за реформи во ВМРО ДПМНЕ од денеска ќе настапуваат заеднички, како фракција на ВМРО ДПМНЕ. Бараат од актуелниот претседател, Христијан Мицкоски, да го официјализира фракционерството, односно, да си остане на ветувањето дека ќе го усогласи статутот со статутите на сестринските партии од Европската народна партија, во кои ова дејствување постои како опција.

Иницијаторите на фракцијата не открија кои пратеници се на нивна страна, но велат дека, зад нив стои голем дел од месните комитети и општинските организации кои бараат од нив да бидат организирано тело што ќе се спротивстави на партиското раководство. Иницијалната каписла за формирањето на фракција се случила вчера, кога биле избрани претседатели на општински комитети по стариот принцип, додека тие се залагаа за новини при изборот.

На прашањето, зошто ФРОДЕМ, кои до сега делуваа како посебен субјект, бараат да бидат фракција на ВМРО ДПМНЕ,  од каде претседателот, Јове Кекеновски, беше исклучен, тој одговори дека, ова движење е формирано согласно партискиот статут, што не е случај и со неговото исклучување од партијата.

Партискиот статут на ВМРО ДПМНЕ во овој момент не дозволува фракционерско делување во партијата.

Даливорка Демјанска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ