Отворени 23-тите Зимски олимписки игри во Пјеонгчанг

Денеска напладне официјално беа отворени 23-тите Зимски Олимписки Игри во Пјеонгчанг, Јужна Кореја. Во следните 17 дена 2.952 спортисти од 92 држави ќе се борат за освојување на медалите во вкупно 102 дисциплини во 15 спортови.

Македонскиот тим го сочинуваат тројца спортисти, Антонио Ристевски, Викторија Тодоровска и Ставре Јада, кој воедно беше и знаменосец на свеченото отворање. За скијачот Ристевски ова ќе бидат трети Олимписки игри, по Ванкувер и Сочи, а ќе се натпреварува во слалом и велеслалом. Нордијците Тодоровска и Јада, дебитираат на Зимските олимписки игри. 17-годишната Тодоровска ќе се натпреварува во нордиско скијање на 10 километри, додека 19-годишниот јада ќе се натпреварува во две дисциплини, 15 километри и спринт.

Еден од најважните моменти на Олимписките игри во Јужна Кореја секако е учеството на спортисти од Сверна Кореја, иако се знае дека овие две земји и натаму се во војна. Двете земји на Игрите ќе настапат под исто знаме, а историски е настапот на женскиот тим во хокеј, кој ќе биде составен од спортистки од Јужна и Северна Кореја. Овие две земји по деветти пат во историјата на Олимписките игри ќе настапат под исто знаме.

Организацијата на игрите го чинеше Пјеонгчанг 13 милијарди долари. Олимпискиот стадион на кој се одржа отворањето, а ќе биде одржано и свеченото затворање, го чинеше организаторот 100 милиони долари, но истиот ќе биде размонтиран и продаден на делови веднаш по одржувањето на Параолимписките игри во месец март оваа година. Пјонгчанг е третиот азиски град организатор на Зимски олимписки игри по јапонските Сапоро во 1972 година и Нагано во 1998 година.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ