БАЈДЕН ОД КИЕВ ЈА ПОВИКА МОСКВА ДА ГИ НАМАЛИ ТЕНЗИИТЕ

22 April, 2014 - 15:47

Потпретседателот на САД, Џо Бајден, изјави дека Русија мора да престане да зборува и со конкретни дела да започне да ги намалува тензиите во Украина. На прес - конференцијата во Киев, по разговорите кои ги водеше со привремениот премиер на Украина, Арсениј Јацењук и други политички лидери, Бајден ја предупреди Русија дека продолжувањето на провокативното однесување ќе доведе до поголема изолација на оваа држава, барајќи од властите во Москва да ја прекинат поддршката за, како што рече, проруските милитанти во источна Украина.

 

-Ниту една нација не треба да им се заканува на соседите со трупање војска покрај границите. Ја повикуваме Русија да ги повлече тие единици. Ниту една нација не треба да создава нестабилност кај своите соседи. Ја повикуваме Русија да запре со подршката на луѓето зад маски, во неодбележани униформи, кои создаваат немири во источна Украина и бевме многу јасни дека продолжувањето на руското провокативно однесување ќе води до нови казни и поголема изолација, рече Бајден. 

 

Во источна Украина, во градот Славјанск, повеќе стотици лица присуствуваа на погребот на тројцата проруски демонстранти кои беа убиени во неделата во престрелка во близина на еден безбедносен пункт. 

 

-Од гледањето на овие фотографии, знам дека тие биле мирни жители на нашиот гард Славјанск. Многу е лошо кога мирни луѓе се убиени. Денеска ни е потребен мир и мирно решение на овој конфликт. Многу е тажно кога луѓето се убиваат, треба да ја гледаме оваа ситуација да ја решиме со дијалог и мир. Војната денеска не е опција, вели еден проруски активист.

 

Според официјална Москва и претставниците на проруските демонстранти, крвавиот инцидент го предизвикале припадници на украинската националистичка група Десен сектор. Според властите во Киев, крвопролевањето било провокација за која се одговорни руските специјални сили.

Никола Илиевски

Веста е прочитана 73 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.