СО ДЕКРЕТ РЕХАБИЛИТИРАНИ КРИМСКИТЕ ТАТАРИ

22 April, 2014 - 09:16

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се рехабилитираат кримските Татари и другите малцинства кои живеат на полуостровот Крим.

Во текот на Втората светска војна, со наредба на Сталин, Татарите од Крим биле насилно депортирани во централна Азија, под обвинение за „симпатии кон нацистичка Германија“. Многу од нив починале како последица на лошите услови за живеење во новата средина во прогонство.

Татарите можеа да се вратат назад, во последната деценија од Советскиот Сојуз, кој се распадна во 1991 година, по што Крим стана дел од новозоздадената независна држава Украина.

Тие сочинуваат 12 отсто од вкупното население на полуостровот, каде големо мнозинство се Русите. На референдумот за отцепување на Крим од Украина, организиран минатиот месец, најголемиот дел од татарското население не учествуваше во гласањето.

- Потпишав декрет за рехабилитирање на кримските Татари, како и на малцинските Ерменци, Германци и Грци кои страдаа за време на сталиновите репресии, рече претседателот Путин обраќајќи им се на членовите на Државниот совет, на седница која беше пренесувана преку телевизија.

Со актот на рехабилитација се исправа една историска неправда и се елиминираат последиците од „илегалната и незаконска депортација“, како и насилството врз правата на овие етнички групи. Руската Влада ќе помогне во создавањето и развојот на нивната национална и културна автономија, се вели во официјалното соопштение.

Татарите на Крим кои се сунитски муслимани со турски корени, веќе имаат сопствено Собрание и право за основно образование на мајчин јазик. 

Веста е прочитана 81 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.