РУСИЈА ДОЗВОЛИ НАБЉУДУВАЧКИ ЛЕТОВИ ДОЛЖ ГРАНИЦАТА СО УКРАИНА

22 April, 2014 - 09:10

Русија им дозволи на САД и Чешка да вршат набљудувачки летови над руската територијата по должината на границата со Украина, пренесоа чешките медиуми повикувајќи се на руски владини извори.

Целта на мисијата, како што јави дописникот на МИА од Прага, е да се увери Вашингтон дека на украинската граница нема концентрација на руски војници.

Според чешкото Министерство за одбрана, набљудувачкиот лет ќе се одржи во деновите од 21-25 април согласно Договорот за отворено небо.

- Немаме што да криеме. Набљудувачката мисија на САД и Чешка над територијата на Руската Федерација почнува денеска и нашите американски и чешки колеги ќе имаат многу можности да откријат дека на границата со Украина нема трупање на руска армија, изјави вчера портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Александар Лукашевич.

Претходно договорениот лет за мониторинг кој требаше да се оствари од 14 до 19 април, според Лукашевич, е одложен поради непристигнување на војниците навреме во руската база Кубинка.

Договорот за отворено небо, кој стапи во сила на 1 јануари 2002 година, има за цел да ја продлабочи заемната доверба меѓу одделни земји, а ја имаат потпишано 34 држави. 

Веста е прочитана 103 пати

Copyright 2015 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.