Наумоски ја доби довербата, во наредните две години ќе биде претседател на МКФ

Актуелниот претседател Петар Наумоски и во наредните две години ќе ја предводи Македонската кошаркарска федерација откако 16 од 30 делегати му дадоа доверба на Вонредното Собрание по иницијативата за негова смена која започна во декември минатата година. Во нешто повеќе од една година Наумоски вторпат успеа тесно и со тајно гласање да ги надмудри делегатите кои бараа тој да замине од функцијата.
„Пред сè јас би сакал да им изразам голема благодарност на сите поддржувачи. Во изминатиот период кажав дека желбата за промена не е на клубовите, туку на индивидуи кои ги собираа и лобираа клубовите да дојдеме до нешто што јас сметам дека воопшто не ни беше потребно. Пред само 12 месеци повторно гласавме доверба, доколку во тие 12 месеци имаше нешто драстично променето тогаш имаше очекувања да дојде до такво нешто. Но, знаеме дека немаше такви турбуленции, немаше проблеми во лигата, исто и со репрезентациите. Медиумите погрешно ја гледаат работата на федерацијата односно работата на Претседателот. Со тоа влијанието на самото раководство се гледа погрешно. Влијание на федерацијата за успесите кај сениорите и младинците го нема. Не сме во никаква допирна точка тоа да го постигнеме. Правиме напори, но се доаѓа од клубовите. Тие ни даваат „готов производ“, а ние му даваме можност да се натпреварува со другите од Европа. Во изминатите две години ние повеќе се занимаваме со избори отколку со кошарка. Со тоа се руши имиџот на самата федерација. Затоа беше предложена точка на дневниот ред, која се изгласа, за да раководството биде ослободено две години од вакви сценарија. Еве за самата поддршка во спортот морам да истакнам и да се заблагодарам за историскиот состанок со Премиерот, неколку министри и градоначалници кои потенцираа дека спортот мора да биде поддржуван од државата ако сакаме професионализам во спортот“ – истакна Претседателот Петар Наумоски по завршување на Собранието.
Македонската кошаркарска легенда Владо Иливески и поранешниот градоначалник на Куманово Зоран Дамјановски беа кандидати за претседател доколку му беше изгласана недоверба на Наумоски, кој ќе биде најмалку две години прв човек на кошарката откако Собранието одлучи во иднина да нема нов обид за смена на претсетадел во овој период.
Илиевски кој беше еден од кандидатите за претседател на МКФ, преку соопштение реагираше дека резултатите не ги признава и за него Вонредното собрание било нелегитимно и незаконско.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ