Набиена „надворешна“ агенда на Мицкоски

Овој месец претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бил само три дена дома. Од Европа, преку Америка, каде 11 дена појадуваше, вечераше и разговараше со бројни политичари, патот го врати пак на Балканот, на средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ. Мицкоски пред Вучиќ изразил загриженост за недостатокот на демократски капацитет на владата, за опасноста од политичкиот терор врз неистомислениците, како и немањето на сериозен концепт за важните прашања од надворешната политика, каде е клучна заштитата на државните и национални интереси.

Ова е трета средба од балканската агенда на Мицкоски и неговиот потпретседател, Александар Николоски. Претходно тие се сретнаа и со хрватскиот премиер и лидер на ХДЗ, Андреј Пленковиќ, и со поранешниот словенечки премиер и лидер на СДС, Јанез Јанша. Од партијата информираа дека и со нив разговарале за истите теми и побарале поддршка да се зголеми гласноста за сите луѓе кои во моментот се  жртви на политички терор  во Македонија.

Всушност, турнејата почна на 2-ри февруари, со средбата со унгарскиот премиер, Виктор Орбан, од кого Мицкоски доби целосна поддршка за својата политика. Продолжи со европратениците Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула. Пред нив Мицкоски посочил дека е потребен политички дијалог за надминување на разликите во однос на клучните процеси во државата, а за тоа, пак, е потребна волја од владејачкото мнозинство. Состаноци се одржале и со комесарот за проширување Јоханес Хан како и со високата преставничка на ЕУ за безбедносна и надворешна политика, Федерика Могерини. Тука се и средбите со европратениците, Кукан, Вајгл, Флекенштајн, Ковачев и Јозеф Дол.

По два дена, замина во САД, каде имаше набиена агенда. Присуствуваше на молитвениот појадок организиран од претседателот на САД, Доналд Трамп  и разговараше со претставници на Белата Куќа, сенатори и конгресмени. Се сретна со Моли Монтгомери, посебен советник за Европа, Евроазија и Русија на Потпретседателот на САД, Мајк Пенс. И неа ја  информирал за, како што вели,   нетранспаретноста, селективната правда и избегнувањето на одговорност за злоупотреба на законите од актуелната власт. Се сретна и  со претседателот на Националниот Демократски Институт, Кенет Волак, како и со претседателот на Меѓународниот Републикански Институт, Даниел Твининг. Пред дијаспората во Њу Џерси, оддржа трибина за акутелните политички состојби, а разговараше и со претставниците на Движењето за човекови права. Го посети и црковниот храм Св. Кирил и Методиј кој е дел од една од најстарите и наголемите црковни заедници на Северноамериканскиот континент.

Во меѓувреме, даде интервју за „Гласот на Америка на македонски јазик“ од Вашингтон, во кое се пожали дека 8 месеци како партија немале никаква информација што точно се случува со преговорите за името и кажа дека токму тој инсистирал на лидерската средба  со цел да дознаат на кој начин се водат преговорите. Рече и дека, промената на името на аеродромот и автопатот не носи добрососедски односи.

Вечераше со претседателот на Републиканската Партија Боб Падучик, и се сретна  со Метју Палмер, кој го замени Хојт Ји во Стејт Департментот. На сите овие средби, зборувал за правна несигурност и злоупотреба на правосудниот и административниот систем со цел остварување на тесни интереси на актеулната владејачка коалиција.

Во Вашингтон се обрати и на Конференција за безбедност организирана од Конгресот на САД, велејќи дека Македонија треба да ја добие поканата за заслуженото членство во НАТО.

Во меѓувреме, со Заев се препукуваа на фејсбук. Откако премиерот напиша дека се води одлична надворешна политика и дека е свесен за некои пропусти во внатрешната политика, Мицкоски напиша дека она што Зоран Заев го нарекува “одлична надворешна политика”, за граѓаните и за нашата држава преставува распродажба на националните и државни интереси.

Но, месецов, ниту тој самиот не беше актуелен во својата земја. Додека ги подобруваше односите на партијата со САД и ЕУ, внатрешната политика, му беше оставена на сопартијците кои најчесто комуницираат со јавноста преку соопштенија.Со опозиција и власт фокусирани на надворешната политика, народот две недели беше „сам дома“.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ