Манчевски: Технолошката трансформација приоритет на земјите од Западен Балкан

Технолошката  трансформација на земјите од Западен Балкан и нивна целосна дигитализација е еден од врвните приоритети на нашите влади и тоа значително ќе влиjaе на зголемување на работните места, на платите во регионот, на подобрување на услугите, на индустриите, образованието и на намалување на корупцијата. Тоа се дел од пораките што ги упати македонскиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, по заокружувањето на агендата на дводневниот Дигитален самит за Западен Балкан во Скопје.

– Од Скопје денеска испраќаме порака за следните два самита во Софија и Лондон дека нашето место е во Европската унија. Не чека многу работа, но доколку постои политичка волја, а конечно постои, тоа ќе се постигне. Дигиталниот самит во Скопје е само една од потврдите за тоа, рече Манчевски.

Со претставниците на земјите од Западен Балкан, со бизнисите, академијата, како што рече Манчевски, заедно се дефинирани заеднички цели за дигиталната трансформација на регионот.

– Подготвени сме да работиме и да ги искористиме можностите. Дадовме ветување дека ќе работиме заедно за намалување на цените на роамингот во регионот и со земјите од Европската унија, рече Манчевски.

Учесниците на Самитот меѓу останатото се обврзаа и дека ќе го подобрат пристапот до широкопојасен интернет и изразуваат подготвеност и иницијатива да работат на активно меѓусебно признавање дигиталните сертификати, потписи и печати, како и олеснување на прекуграничните  доверливи услуги.

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ