Јункер и Макрон со различни визии за иднината на ЕУ

Европската унија не треба да прима нови членки додека интеграцијата не се продлабочи и не бидат спроведени реформи, изјави денеска францускиот претседател Емануел Макрон.

„Ако се прашувам јас, би подржал проширување само откако ќе има продлабочување и реформи на нашата Европа. И би сакал да ја задржиме оваа амбиција на овие две точки: Не сакам Балкан кој се врти кон Турција или Русија, но не сакам ниту Европа, која функционира тешко со 28, а од утре и со 27 членки, која ќе одлучи да продолжиме да галопираме за утре да бидеме 30 или 32, под истите правила. Ова не е правилно“, вели Макрон.

Европската унија има потреба да прими нови членки од Западен Балкан со цел да се избегне ризик за нова војна во регионот, одговори шефот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

„Ако не се отвориме за државите од тој многу сложен и трагичен регион, и ако не им дадеме европска перспектива, ќе видиме војна во регионот, како што видовме во 90-тите години. Не сакам војната да се врати на Балканот, затоа мораме да се отвориме кон нив.“

Во емотивен говор пред европратениците во Стразбур, Макрон ја повика Европа да ја обнови својата посветеност на демократијата, предупредувајќи дека Унијата се соочува со раст на автократски режими ширум светот и „нелиберални демократии“ внатре во Европската унија.

„Да структурираме следната година соодветна дебата, заснована на убедувања и предлози. Повеќе на можеме да делуваме како до сега. Тоа значи да се одбива да се разговара за Европа, праведната распределба на парламентарни места и обвинувања до Брисел и Стразбур за секое зло. Ова одбивање да се разговара за реформи е будалесто, можеби така е поудобно за сите нас, но така нема да се реши ниту еден проблем“, смета францускиот претседател.

Во Стразбур Макрон даде повеќе предлози образложувајќи ја својата визија за Европа. Подржа привремен дигитален данок, кој би можел да стане постојан, отварање нов фонд за заедници кои ќе примат мигранти, нови закони за авторски права кои ќе ја заштитат европската култура и побара поставување рамка за реформи во еврозоната.

Макрон од говорницата на Европскиот парламент и се обраќаше на генерацијата која не ја искусила војната на континетот и која на Европа гледа поинаку. Следната година се одржуваат изборите за Европскиот парламент и токму тие беа во заднината на обраќањето на францускиот претседател. Дали новите европратеници ќе ја споделуваат неговата визија за зајакнување на Унијата, или ќе продолжи трендот на пораст на евроскептиците и тие кои сакаат да ја расформираат Еунијата.

Игор Трајков

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ