Итни реформи за спас на ПИОМ

Зголемување на придонесите за 2 % веднаш и дополнителен 1 % по 10 години и поместување на старосната граница за пензионирање за една и плус уште за една после 10 години, ќе даде најдобри резултати врз одржливоста на ПИОМ.

Така според експертите ќе се преполови дефицитот во ПИОМ, а трансферите од централниот буџет од 579 мил. евра во 2017 ќе се намалат за 89 мил.евра по 5 год.или за 248 мил.евра по 20 години.

„Со ваквите мерки товарот ќе биде споделен меѓу генерациите а промените ќе бидат постепени и со можност за прилагодување“, вели Благица Петрески од Институтот за економски истражувања Finance Think.

Според ова сценарио растот на придонесите треба да биде споделен меѓу работниците и работодавачите а не да предизвика намалување на нивните плати.

„Намалувањето на придонесите се претвори во профит за работодавачите, тоа им го дозволи системот, сега треба да учествуваат во покривање на дефицитот и да ја намалат добивката“, рече даночниот експерт Павле Гацов.

Анализата на институтот Фајненс Тинк предвидува уште две сценарија, но тие ќе дадат послаби ефекти и ќе погодат една генерација работници.

Основна претпоставка за сите  е дека пензиите ќе растат но само во рамки на законскиот максимум.

Дупката во ПИОМ почна да се зголемува со воведување на вториот пензиски столб и со намалување на придонесите а потоа се продлабочуваше со несоодветното зголемување на пензиите.

Бројките покажуваат дела во последната декада при раст на економијата од 2,4 %, пензиите пораснале за 6,5%.

„Ако пензиите растеа според законот, дефицитот на ПИОМ ќе беше понизок за 35 %  а учеството во БДП ќе беше за 1,2 % пониско“, рече Петрески.

Во насока на стабилизирање на ПИОМ, Фајненс Тинк препорачува владата да не ги зголемува поволностите и да не ги олеснува условите за бенефициран стаж, за старосна пензија и да избегнува мерки кои дополнително ќе го оптеретат пензискиот фонд.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ