Има ли Собранието капацитет за да ги спроведе реформите?

Пратениците мора да имаат поголема одговорност за реформите кои се дел од Акцискиот план и час поскоро да ги донесат законите, предупредуваат аналитичарите.  Законодавниот дом  нема никаква активност, ниту пак има закажано седница во изминатите две недели. Парламентарците се растрчани по службени патувања. Дел од нив беа во САД и Стразбур, а дваесетина во моментов се во посета на Велика Британија во Вилтон Парк, каде со колегите ќе дебатираат на тема „Градење на  ефикасен и независен парламент на Република Македонија“. Аналитичарот Владимир Божиновски смета дека за носење на реформските закони неопходен е договор меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Незивесно е како ќе се разреши и ситуацијата со законот за јазиците. Работни групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ се среќаваат во обид да најдат решение за блокадата. Неизвесно е и дали пратениците од најголемата опозициска партија ќе се вратат во парламентарните клупи и за другите закони. На усвојување чекаат законите за судови, за полиција, за следње на комуникации, за заштита на сведоци, заштита на укажувачи, законот за оперативна техничка агенција и други. Професорот Митко Гаџовски вели дека Собранието мора да почне да функционира со полн капацитет и покрај фактот што сите сили во моментов се насочени кон изнаоѓање решение за спорот за името.

Собранието преку проекти доби силна подршка од ЕУ за спроведување на реформите. Беа организирани обуки за собраниската служба и за советниците на политичките партии. Времето тече, роковите се намалуваат, се бара успешно спроведување на реформите и дијалог помеѓу политичките партии.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ