Хан: Треба спроведување на законите

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан е импресиониран од она што го сработи Македонија во однос на итните реформски приоритети. Тој му го предаде извештајот на премиерот Зоран Заев и ја пофали Македонија дека заслужено доби неусловена препорака за почеток на преговори со Европската унија. Оддаде признание за реформите, но она на што сега инсистира Брисел е нивното спроведување

„Направивте многу во усвојување на неопходната легислатива, но сега е на ред спроведувањето. Сметаме на вас, на вашата решителност. Ова е она што сега го чекаат земјите членки. Во таа смисла може да бидете пример за регионот ако има конкретна имплементација што е уште една поддршка за скорешен влез во наредната фаза од нашите односи. Затоа ве молам, сега фокусирајте се на имплементацијата“, изјави еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Владата вели дека е подготвена за нов чекор напред. Следна цел е добивање датум за почеток на преоговри со Унијата веќе на Советот на министри во јуни. До тогаш има само два месеца, но Владата вели дека е подготвена уште поенергично да ги води реформите и политичките процеси. За ова, ќе се прави и нов план за европски реформи.

„Цврсто сме определи да спроведеме одржливи решенија за суштински реформи  и по планот 3-6-9, врз основа на извештајот на ЕК ќе утврдиме нов план за реформската динамика до крајот на 2018 година, кој најверојатно ќе биде поврзан со имплементацијата на она што до сега го одлучивме“, вели премиерот Зоран Заев.

Сепак, на патот кон Унијата и натаму останува нерешениот спор за името. За него Европската комисија во извештајот напиша дека е нешто што мора итно да се реши. Комесарот Хан, вели дека решение е можно набрзо.

„Мислам дека двете страни се решени да најдат решение и работат многу напорно за да дојде до тоа. И што е најважно да се дојде до фер договор, кој ќе им служи на интересите и потребите на двете страни. Ова треба да биде целта. Мислам дека е можно, можно е во блиска иднина. И кај двете страни на највисоко ниво  има силна посветеност да се дојде до решение“ рече Хан.

Тој не одговори конкретно дали Унијата има план Б ако не се реши спорот за името но рече дека за да се дојде до решение, компромис треба да направат и двете страни.

Марија Дивитарова

Објавено на
© 2019 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ