Грција го казнува архимандритот Царкњас со 45.000 евра, за донација од 57.000 евра

Грчките даночни органи од архимандритот Никодим Царкњас бараат да плати 45.000 евра данок за вкупно примени 57.000 евра донација за изградба на македонска православна црква Света Злата Мегленска во С’ботско (Аридеја), која, како и сите други работи, не е признаена од Грчката држава, соопштува Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

Грчката канцеларија за даночни приходи во Воден (Едеса) го казнува етничкиот македонскиот свештеник и архимандрит Никодим Царкњас, за лажно притајување на приходи во неговиот годишен даночен извештај, пишува порталот МКД.мк

Бидејќи Царкњас само ги прифатил средствата како донација во корист на црквата во заедницата, тој ѝ одговорил на Управата за Данок на Доход дека немал законска обврска да пријавува донација како приход. Неговото барање било одбиено. По поднесената жалба во јануари, Царкњас бара поништување на ова решение. Ако грешката не се поправи, тој е подготвен да ја тужи јавната администрација за прекршување на даночниот законик и бесрамната нелегална дискриминација против него, врз основа на неговото етничко наследство и верскиот идентитет“, соопшти ОМД.

Методија Колоски, претседател на ОМД вели дека овие постапки на грчката влада се јасен одраз на нивната државна политика да ги прогонуваат граѓаните кои мислат инаку, кои зборуваат различен јазик или веруваат во православна црква поинаква од грчката. „Слободата на религијата е основна слобода која мора да се почитува универзално, на што Грција очигледно се спротиставува”, вели Колоски.

Неправдата против архимандритот Царкњас се одвива со децении, тој како активист за човекови права досега десетина пати бил апсен, а еднаш и физички нападнат од грчки полицаец.

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ