Експертите стравуваат дека новиот закон за јавни набавки нема да штити од корупција

Владата го предлага и го фали, експертите не се убедени дека ќе ја спречи корупцијата. Сега во форма на нацрт, законот за јавни набавки допрва ќе се дебатира, но ќе успее ли да ги реши клучните проблеми на државните тендери, преку кои годишно се трошат околу милијарда евра народни пари. Од Бирото за јавни набавки за МИА уверуваат дека со законот ќе се надминат досега утврдените слабости и земјава ќе се усогласи со препораките на Европската комисија.

Од Центарот за граѓански комуникации велат дека најголем дел од нивните предлози биле прифатени во нацртот. Најниската цена веќе нема да биде единствен критериум за доделување договор за јавна набавка, туку тоа ќе биде економски најисплатливата понуда, како комбинација меѓу цената квалитетот и трошоците. Плановите и договорите за јавните набавки ќе се објавуваат јавно, се укинува моделот на конечнацена, а се укинуваат и инккриминациите од Законот кои предвидуваа драконски затворски казни. Наместо 500, сега 1000 евра е прагот за да се третира како јавна набавка, а од илјада до 10 илјади евра за набавка на стоки и услуги процедурите се значително олчеснети.

Сепак, вели Филков, има решенија кои можат да го доведат до ризик користењето на јавните средства на транспарентен ефикасен, економичен и ефективен начин.

„Не се воведени никакви антикорупциски мерки, не е зајакнато спречувањето на судирот на интереси, препишано е од стариот закон во иста форма, и договорните органи, односно институциите, немаат обврска за следење на целиот тек на набавката, особено да ја известат јавноста како се спроведува договорот за јавна набавка. Општо во законот многу повеќе се остава на самите институции, која досега не се покажа на високо ниво, сега да видиме како ќе се санкционира, добро е што се вградени прекршочни одредби, но недостасува тело кое ќе го контролира спроведувањето“, вели Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

„Постои тука многу простор за корупција, овој закон воопшто не е проверен од аспект на ризикот од корупција, некои одредби се само проформа, а некои се исклучително опасни, бидејќи воведуваат можнот за директно преговарање“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл Македонија.

Задолѓителните електронски аукции се укинати, но техниката, токму онаа што досега правела пробеми, останува иста. Задржана е и негативната или црна листа на фирми, за која имало и забелешки од ЕУ.

„Нема баш сигурни гаранции за транспарентност и недискриминација на оние постапки од 1.000 до 10.000 евра и до 20.000 евра за работи, тука бараме засилување на транспарентноста“, вели Филков.

„Законот има многу слаби решенија во однос на транспарентноста, членот кој ја одредува е формулиран да договорот се објави само на веб страната, но не зборува ништо за можност да се следи директно од лица, или онлајн или на некои медиуми“, вели Тасева.

Утре новиот законски текст ќе се најде на разгледување пред бизнисот, на јавна дебата во Стопанската комора на Македонија.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ