Договор на неопределно работно време станува реткост во Македонија

Доколку ги разгледате огласите за работни места во Македонија она што прво ќе ви падне во очи дека најголем дел од нив се на определено работно време. Три, шест месеци или една година е најчестата потреба на работодавачите во Македонија без разлиак дали станува збор за првиотниот сектор или јавната администрација.

Во теорија договор на определено работно време се дава кога е потребен работник кој ќе замени друг поради отсуство, болест или некоја друга причина.

Здравко Савески од Левица смета дека тоа е начин да се држат работниците во послушност и константа неизвесност и со тоа да му се потчинат на работодавецот.

Владата неодамна склучи договор со Агенцијата за привремени вработувања „Мотиви“, вреден 56 илјади евра, според кој агенцијата ќе треба да ангажира работници како замена за привремено отсутен работник, при привремено зголемен обем на работа и  за работа на проекти и сл. Станув збор за продолжение на договор кој минатата година го склучила Службата за општи и заеднички работи на Владата склучи договор за привремени вработувања.

„Се работи за продолжување на договор кој минатата година го имаше склучено Службата за општи и заеднички работи. Првиот тендер беше во август минатата година а склучените договори беа во траење од шест месеци. Новиот тендер беше распишан во декември а времетраењето на договорите сега се една година“, соопштија од Влада на РМ.

Буџетот покажува дека Владата на СДСМ  за оваа година планира 1,3 милиони евра за привремени вработувања.

Истражувањето на тимот од БИРН покажа дека во последниве 9 години, од 2009 година до сега, само за привремени вработувања се предвидени 26,7 милиони евра. Оваа сума не се однесува на јавните претпријатија и општините, туку само на министерствата и институциите што се финансираат од централниот буџет.

Според постоечките закони, договорите на определено време можат да траат дури пет години а потоа работодавецот е обрвзан на работникот да му даде договор на неопределено време.

Рокот од пет години постои од 2008 година а еволуираше од 2003 година кога максимумот беше една година. Во 2003 година Владата предводена од СДСМ го зголеми овој период на три години, а во 2005 година – на четири години. Влада на ВМРО-ДПМНЕ се надоврза на овој процес и во 2008 година зголеми на пет години. Во 2011 година беше внесена и опцијата по две изминати години работниот однос на определено време да се трансформира во работен однос на неопределено време.

Савески смета дека тука не станува збор за заштита на работници туку за „задна врата“ за вработување на партиски подобни лица.

Последниот официјален податок околу односот меѓу договорите на неопределено и определно работно време кај вработените во Македонија  е стар четири  а информацијата ја изготви Државниот завод за статистика.

Според овој податок во 2014 година во Македонија имало 501 илјада вработени од кои 428 илјади имале договор на неопределено, а 73 илјади биле со договор на определено работно време односно 6:1. Најголем број на вработени  на определно време има во преработувачката индустрија – 27 илјади и во трговијата 12 илјади, но и во образованието 7 илјади и јавната администрација – 6.700 буџетари.

Сепак експертите сметаат дека овој сооднос треба да се земе со резевра и дека бројката на вработени на определно време е поголема.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ