Чавков повеќе од два часа ја давал својата одбрана за крвавиот четврток

Два и пол месеци по апсењето, екс министерот Митко Чавков го посети обвинителството за организиран криминал на распит како осомничен за крвавиот четврток. Чавков вчера повеќе од два часа ја давал својата одбрана пред обвинител, се бранел дека не сторил ништо како директор на полицијата за што е осомничен за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

Неговиот адвокат потврди дека распитот е одржан, но дека не може да сподели детали бидејќи обвинителот што го водела распитот неколкупати му кажала да не споделува информации.

Чавков меѓу другото, според информации на Телма, првин ја објаснувал улогата на златната и сребрена команда, синџирот на командување кој требало да определи кога ќе се почне акцијата во Собранието. На врвот на таа команда бил Чавков, а полицијата на 27-ми април доби команда да си ја сработи обврската цели два и пол часа по упадот на демонстрантите во Собранието.

Обвинителот на распитот на Чавков пак му кажал дека сите прописи и процедури за златната команда се во досието на истрагата и се познати на обвинителството. Преку движењето на неговиот мобилен телефон, утврдено е дека Чавков на 27-ми април за време на крвавите инциденти бил во центарот на Скопје каде бил фатен на три базни станици, меѓу кои и на базната станица ВМРО. Чавков во јавен настап потврди дека бил во центарот на Скопје, но од приватни причини, а токму во тој период како директор на полицијата не му одговарал на министерот Агим Нухиу, а како прв човек на златната команда имал можност веднаш да нареди полициска интервенција.

На распит вчера бил и пратеникот Крсто Мукоски, кој ја ја отвори собраниската врата и дозволи внатре да влезат стотици демонстранти кои потоа ги нападнаа колегите на Мукоски и речиси го убија Зијадин Села. Пратеникот од струшко е последниот пратеник од 6-мината осомничени кои дале исказ за истрагата, а покрај друго и нему му биле презентирани снимките од отварањето на една од централните собраниски врати.

Пред обвинител бил повикан и Јане Ченто, а вкупно тројца обвинители вчера сослушувале осомничени за крвавиот четврток. Денеска пак искази давале сведоци, а утре би требало своите одбрани да ги дадат и последните неиспрашани осомничени. Акцијата за апсењето на 35-мина осомничени за крвавиот четврток беше изведена на 28-ми ноември, но четворица од нив се уште се во бегство.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ