Банките нижат профити

Банките во 2017 продолжиле да нижат профити. Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2017 година банките заработиле 106,6 милиони евра или речиси 4 милиони повеќе од 2016 што претставува рекордна заработка остварена досега.

Но, банките не го делат профитот подеднакво. Најголемиот дел од профитот или 95,6 милиони евра оствариле големите банки, 11,4 милиони средните банки, а малите банки имале загуба од околу 470 000 евра. Ако се спореди зарабoтката на крајот од годината со таа остварена во третиот квартал произлегува дека за само три месеци, добивката на македонските банки изнесувала над 31 милиони евра.

Економистите не ги чуди високата заработка на банките остварена во година кога економскиот раст беше нула. Банкарскиот сектор според дел од нив, покажа стабилност и покрај силните трубуленции и кулминацијата на политичката криза.

Големата профитабилност на банките се должи на големата претпазливост за кредитирање  на првокласни клиенти кои можат да си ги вратат и основицата и каматите. Со кредитирање на домаќинствата се врши висока дисперзија на ризикот. Таквата конзервативна политика дава резултати врз профитабилноста и тоа не само кај големите банки туку и кај средните по големина, кажа Љубе Трпевски екс гувернер на НБРМ.

Најголем дел од приходите, банките ги оствариле преку камати. За една година инкасирале 254 милиони евра, а само од домаќинствата наплатиле 150 милиони евра. Од провизии и надоместоци во касата ставиле уште 71 милиони евра. Граѓаните заклучно со јануари на банките и штедилниците им должат 2,3 милијарди евра или грубо пресметано задолженоста по глава на жител изнесува 1150 евра.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2018 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ